Автор: Др. Маја Камбовска

Краток осврт на новиот Пакет мерки за дигитални сервиси и пазари

На 15.12.2020 Европската комисија го објави пакетот законодавни предлози под име „Пакет мерки за дигитални сервиси„. Овој пакет е една од клучните иницијативи на сегашната постава на Европската комисија. Пакетот се состои од два законодавни предлози – предлог на Регулатива за единствен пазар за дигитални услуги (Акт за дигитални услуги – Digital Services Act), и предлог на Регулатива за натреварувачки и правични пазари во дигиталниот сектор (Акт за дигитални пазари – Digital Markets Act). Изборот на регулатива како правен инструмент укажува на тоа дека ЕУ сака да ја регулира оваа област на унифициран начин, без можност за отстапување во националните правила.

Новите правила ќе го променат начинот на кој компаниите пружаат и користат дигитални услуги во рамки на ЕУ. Тие се однесуваат не само на големите играчи, односно големите онлајн платформи, туку на поголемиот број субјекти кои пружаат некакви дигитални услуги како и на нивните деловни корисници. Тие исто така имаат за цел да ја подобрат заштитата на правата на потрошувачите во онлајн средината. 

Актот за дигитални услуги ќе воведе правно обврзувачки правила за сите дигитални сервиси кои поврзуваат потрошувачи со пазари на стоки, услуги или содржини. Овој пропис се надоврзува на неколку сродни прописи на ЕУ, особено на Директивата за е-трговија, на Регулативата за платформи и бизнис корисници (P2B Regulation) која почна да се применува во јули 2020, како и на Директивите кои се дел од Новиот Договор за Потрошувачи (чија национална транспозиција е во тек). Новите правила се однесуваат на повеќе прашања, меѓу кои справување со нелегални или потенцијално штетни содржини онлајн особено во насока на поголема транспарентност, режим на одговорност на онлајн провајдери за содржини на трети страни со зајакнати обврски во однос на веќе постоечките во Директивата за е-трговија, особено во однос на постапката за „нотификација и отстранување„ (notice and takedown), обврски за проверки на снабдувачи за да се зајакне транспарентноста и законитоста во е-тргувањето, заштита на права на корисниците онлајн. Дополнителни обврски се предвидени за „многу големи платформи„, дефинирани како платформи кои имаат над 45 милиони активни месечни корисници во ЕУ. Овој пропис ги регулира не само субјектите кои пружаат услуги на информатичко општество, односно дигитални услуги како што се социјални мрежи, онлајн пазари, или онлајн платформи, туку и нивните деловни корисници.

Актот за дигитални пазари содржи мерки за надминување на негативните последици од одредени видови однесување на платформите кои имаат карактеристики на „вратари„ (gatekeepers) во единствениот пазар. Овој пропис се надоврзува на правилата на ЕУ за конкуренција. Она што карактеризира една платформа како „вратар„ е доколку истата служи како мост помеѓу деловните корисници и нивните клиенти, и истата ужива значителна и трајна доминантна позиција на пазарот. Критериумите кои треба да се исполнети за да потпадне една платформа под правилата на овој Акт се построги отколку прагот предвиден во Актот за дигитални услуги. Во принцип, само големите „суштински сервиси„ како пребарувачи, социјални мрежи, одредени месинџер сервиси, оперативни системи и сервиси за онлајн посредување (онлајн пазари) може да бидат предмет на регулирање на овој Акт. Овој пропис воведува забрани на одредени нечесни практики и обврски за ваквите платформи, како што е забраната за дискриминација во корист на сопствените услуги, обврска за обезбедување интероперабилност со платформата, обврски за споделување на податоци генерирани од деловни корисници и од нивните клиенти во текот на користење на платформата. На Европската комисија ѝ се дадени овластувања да спроведува пазарни истраги со цел да идентификува нови сервиси или пак нови нечесни практики.

Следни чекори

Нареден чекор во законодавниот процес е разгледување на двата предлози од страна на Европскиот Парламент и од државите членки во рамки на Советот. Откако овие две институции ќе усвојат своја позиција за секој од двата предлози, сите три институции ќе треба во процес на „тријалог„ да постигнат конечен компромис. Со оглед на важноста и комплексноста на материјата, може да се очекува овој процес да трае околу 2 години додека не се постигне договор околу конечниот текст кој ќе биде усвоен.

Релевантност на овој пакет за интеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ

Со оглед на тоа што дигиталната агенда е еден од врвните политички приоритети на ЕУ, и во стратешките документи кои се однесуваат на евро-интеграција на државите од Западен Балкан овие политики исто така се истакнуваат како приоритетни. Дигиталната агенда беше утврдена како една од шесте клучни иницијативи во Стратегијата за Западен Балкан од 6.02.2018. Како следен чекор, беше усвоена засебна Дигитална агенда за Западен Балкан (25.06.2018) со која шесте држави се обврзуваат да преземат одредени мерки во оваа сфера. Како последен документ во оваа низа, на 06.10.2020 година беше усвоен Економски и инвестициски план за Западен Балкан, во кој Европската Комисија јасно наведува неколку дигитални политики како приоритет, и посочува дека секоја држава во регионот треба да ја користи дигиталната стратегија на ЕУ како водечки принцип во дигиталната трансформација на економијата и општеството.

Кој ќе биде засегнат од овој пакет мерки?

Штом Регулативите бидат формално усвоени, тие ќе се најдат и во Националната програма за усогласување со правото на ЕУ, и македонските прописи ќе треба да се усогласат со овие правила. Иако овој процес за нас ќе започне дури за неколку години, субјектите кои ќе бидат засегнати од примена на овие правила треба да бидат свесни за нив уште отсега. Тоа се првенствено бизнис секторите активни во дигиталната сфера – компаниите од ИКТ секторот, интернет провајдери, продавниците кои пружаат услуги на е-трговија, домашните онлајн пазари, социјални мрежи. Исто така, потрошувачите и граѓанските организации имаат интерес од аспект на следење на почитувањето на транспарентноста и другите законски обврски кои ќе произлезат од овој пакет.

Дополнителни информации, вклучувајќи ги текстовите на предлог – Регулативите, ќе најдете на следната веб страна: The Digital Services Act package | Shaping Europe’s digital future (europa.eu)

Categories: БЛОГ

0 Comments

Напишете коментар

Avatar placeholder

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *