Автор: м-р Александра Димовска

Од 1 јануари 2021 година, Португалија по четврти пат ќе претседава со Советот на ЕУ. Португалија зад себе има клучни постигнувања за време на своето претседавање со Унијата почнувајќи со потпишувањето на Договорот за Европската Унија и на Договорот за Европската економска област во 1992 година. За време на своето второ претседавање во 2000 година, Португалија се заложи да ја дефинира „Европа на работ на 21-от век“ и го промовираше усвојувањето на Лисабонската стратегија. При третото ротирачко претседателство во 2007 година, силната заложба на земјата за „посилна Европска Унија за подобар свет“ беше финализирана со усвојувањето на Договорот од Лисабон – договор кој јасно ги одредува целите и вредностите на ЕУ: мир, демократија, почитување на човековите права, правда, еднаквост, владеење на правото и одржливост. 

Системот на Трио претседателства со Советот на ЕУ беше воведен со стапувањето на сила на Лисабонскиот договор во 2009 година. Ова трио изготвува заедничка стратешка агенда со одредени цели кои треба да се исполнат во нивното претседавање во рок од 18 месеци. Во програмата на ова Трио, кое редоследно трае од 1 јули 2020 до 31 декември 2021 година, во која се вклучени Германија, Португалија и Словенија се потврди перспективата на регионот за членство во ЕУ со цел „да продолжи процесот на проширување кон Западен Балкан“, врз основа на новата методологија.

Под мотото на нивното шестмесечно претседавање „Време е да се испорача: фер, зелено и дигитално закрепнување,“ Португалија ја истакна својата заложба да придонесе кон градење на Европа која е поотпорна на кризи, како и обезбедување на посоцијална, позелена и подигитализирања Европа. Исто така, предвидено е јакнење на улогата на ЕУ на светската политичка сцена.

Португалското претседателство ќе работи на три главни приоритети:

  1. Промовирање на закрепнувањето на Европа, врз основа на зелени климатски политики и дигитални транформации;
  2. Спроведување на Социјалниот столб на ЕУ како клучен елемент за обезбедување фер и инклузивна атмосфера и дигитална трансформација;
  3. Зајакнување на стратешката автономија на Европа, но отворена за светот.

Програмата на германското претседателство во однос на истакнување на заложбите за проширување на ЕУ беше многу појасна во случајот со Северна Македонија и Албанија. 

Во рамките на централните теми опфатени во програмата за дејствување за време на германското претседателство, беше нагласена и активната и ефективна улога на ЕУ кон земјите од Западен Балкан. За време на нејзиното претседателтво со Советот, Германија повика на создавање кредибилна перспектива за пристапување во ЕУ за земјите од Западен Балкан, како и финализирање на преговарачката рамка со Северна Македонија и Албанија. За жал, бугарските барања не придонесоа за реализирање на зацртаните цели во предвидениот рок, но секако очекувам во следниот период да сенајде начин за изнадминување на разликите, со што ќе се овозможи Северна Македонија да отпочне пристапни преговори.  

Во случајот на Португалија, заложбите за проширување на ЕУ се нотирани на многу подискретен начин , со самото тоа што се забележува дека земјата “ќе го продолжи процесот на проширување на Западен Балкан врз основа на новата, покредибилна и поефикасна методологија, како и напорите за стабилизација и интеграција во регионот и ќе ја поддржиме Европската комисија во однос на тековните реформски процеси во тие земји.“ Но, од друга страна, Португалија беше многу прецизна во врска со својата посветеност кон изготвување нови миграциски правила на ЕУ, развивање на односите на ЕУ со САД, како и со поширокиот регион на Северна Африка и Блискиот Исток, особено со МАГРЕБ. Позитивен знак од Португалија е што португалски висок владин претставник порача дека се надева дека до јули годинава спорот со Софија ќе се деблокира и ќе може да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија. 

Иако на овој начин претседателството јасно не се обврзува да презема конкретни чекори, од друга страна, барем декларативно, е волно да го задржи континуитетот на Програмата на Триото, притоа благо ретерирајќи по првично дадените изјави на оваа тема. Германските диполмати сметаат дека проширувањето е во добри раце со следното португалско и потоа словенечко претседателство. Тие континуирано охрбабруваат дека за време на тројното претседателство за период од 18 месеци, трите земји членки на ЕУ ги усогласиле нивните стратешки приоритети, тесно ќе соработуваат и дека Португалија но и Словенија се свесни за потребата од проширувањето на Унијата. Потребно е Германија како голем сојузник на Македонија и поддржувач на евроинтегративните процеси на регионот да не се откаже од своите напори за интеграција на земјите од Западен  Балкан.

И покрај предизвиците што ги донесе бугарското вето, најважно од се е Северна Македонија да го продолжи реформскиот процес и да не стагнира со исполнување на условите кои би не довеле чекор поблиску до членство во Унијата. Патот кон ЕУ е двосмерна улица во која ние ја препознаваме важноста од спроведување на реформи и ги исполнуваме истите, додека ЕУ го афирмира тој напредок и ни овозможува да одиме понатаму во преговарачкиот процес.

Categories: БЛОГ

0 Comments

Напишете коментар

Avatar placeholder

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.